All for Joomla All for Webmasters

РАНКОВЦЕ

Општина Ранковце

Рурална општина во Североисточна Македонија.


Денешната општина била создадена во 1996 година, издвоена од поранешната голема општина Крива Паланка, во која територијата на денешната општина се наоѓала во периодот 1962-1996 година.
Во периодот 1957-1962 година постоела некогашната Општина Ранковце со слична поставеност како денешната општина и ги вклучувала истите населени места (Баратлија, Ветуница, Вржогрнци, Герман, Гиновци, Гулинци, Криви Камен, Љубинци, Милутинце, Одрено, Опила, Отошница, Петралица, П’клиште, Псача, Радибуш, Ранковце и Станча).
Општината Ранковце постоела и во периодот 1955-1957.
За време на периодот 1952-1955 на територијата на денешната општина Ранковце постоеле повеќе општини: Општина Герман (села: Герман и П’клиште), Општина Длабочица (во која влегувало селото Псача), Општина Петралица (села: Бараклија, Гиновци, Криви Камен, Милутинце и Петралица) и Општина Ранковце (села: Ветуница, Вржогрнци, Гулинци, Љубинци, Одрено, Опила, Отошница, Радибуш, Ранковце и Станча).
Во периодот 1950-1952 година, на територијата на денешната општина постоеле следниве општини: Општина Герман, Општина Отошница, Општина Петралица, Општина Псача и Општина Ранковце.

РЕКИ


Крива Река
Крива Река извира во подножјето на Царев Врв од силен извор на н.в. 1800 м, а се влева во Пчиња кај с. Клечовце на н.в. 295 м. Долга е 85 км, има површина на слив до 985 км2 и просечен пад од 186‰. Целата територијата на двете општини Ранковце и Крива Планка претставува сливно подрачје на Крива Река. Минувајќи низ стрмен и тревнат предел ги собира повеќето извори што слеваат низ шумскиот појас. Низ текот ги собира реките: Киселичка Река, Криљанска Река и Дурачка Река. Од изворитето до с. Псача има тесно клисуресто корито. Оттаму влегува во Славишко Поле и има животно значење за ова плодородно поле, тука навлегува и на територијата на општина Ранковце.

Маштеница
Маштеница (8 км) која извира под врвот Лисец (1527 м), а се влева во Крива Река кај с. Псача на н.в. 640 м.

Рашка Река
Рашка Река (Петраличка Река) која извира во с. Петралица на н.в. 1540 м, а се влева на излез од клисурата „Просеченик“ на Крива Река, кај с. Псача на н.в. 640 м. Долга е 12 км.

Ранковачка Река
Ранковачка Река е карактеристична по тоа што настанува од две рекички кои се спојуваат во с. Ранковци. Двете рекички кои се обединуваат во Ранковачка Река се: Одревица која извира на н.в. 1300 м во с. Герман и Кривикаменска Река која извира на н.в. 1000 м во с. Криви Камен. Ранковачка река се влива во Крива Река кај с. Опила на н.в. 500 м. Долга е 22 км.

Ветуница
Река Ветуница извира во с. П’клиште на н.в. 1200 м се влева во Крива Река кај с. Ветуница на н.в 500 м. Оваа река е долга 15 км и ги собира помалите потоци од с. Отошница. За оваа река е карактеристично што е изградена мала вештачка акумулација во с. Отошница наменета за наводнување на дел од Славишко Поле.

Блидеш
Река Блидеш е последната река која се влева во Крива Река од територијата на општината Ранковце. Извира во с. Враногрнци на н.в. 600 м и се влева во река Ветуница непосредно пред вливот во Крива Река на н.в 500 м. Нејзината должина е 8 км.

ЦРКВИ И МАНАСТИРИ

Секое место има своја приказна, парче живот кој низ годините сведочи за народот, неговата среќа и тага. Црквата Св. Никола во с.Опила, која потекнува од 13 -14 век, е една од најстарите градби во овој регион и единствена во Источна Македонија со подигнат влез. Зедно со неа веќе 7 века гордо се издига и манастирската црква Св. Никола во Псача, чиј бронзен хорос е изложен во музејот на Македонија.

 Кога патот ќе ве наведе во селата од општината ќе сретнете убава стара и зачувана црква. Св. Никола во с. Гиновци од 17 век. Живописот во оваа црква ќе ве замолкне за миг и ќе ја исполни вашата душа со мир и спокојство. Тоа е едно од најубавите зографски остварувања на македонското средновековно сликарство. Погледнете ги. Црквата е ѕидана од приделкани блокови, камен песочник и хоризонтални редови тул. Во основата има облик на впишан крст во правоаголен простор. Над централниот дел на наосот имало купола, којашто подоцна се урнала. Куполата изградена над просторот на припратата е зачувана и таа лежи врз квадратна основа, којашто се опира на два кадратни столба и надва ѕидни пиластра. Олтарната апсида од надворешната страна е тристрана. Сите фасади се богато профилирани и украсени со шари изведени во керамопластика. 

Search